Во сабота, 14 ноември 2026 година, со почеток во 16:05 часот, во Паркот на револуцијата во Кочани ќе се одржи 51. „Марш на ангелите“, посветен на борбата за правда за 63-те жртви од трагедијата во Кочани, но и на сите невини жртви на трагедиите што ја завија Македонија во црно.
„До кога ќе ни се повторуваат трагедии? Уште колку животи треба да згаснат за нешто да се преземе? Колку уште семејства треба да останат без своите најмили?“, прашуваат семејствата, испраќајќи силна порака дека човечкиот живот нема цена и дека одговорноста и превенцијата не смеат да доаѓаат дури откако ќе се случи трагедија.
Со јасна порака дека не сакаат повеќе минути молк, туку вистинска правда, институционална одговорност и конкретни мерки за спречување нови трагедии, семејствата ги повикуваат сите граѓани да им се придружат на маршот и да ја поддржат нивната борба за правда.
„Различни трагедии. Различни семејства. Иста болка. Иста борба за правда.“
Овој марш е уште еден потсетник дека зад секоја трагедија стојат човечки судбини, семејства со неизмерна болка и прашања што не смеат да останат без одговор.
„Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, одговорност од институциите и конкретни мерки за трагедиите да не се повторуваат.“
ПРАВДА ЗА КОЧАНИ! ПРАВДА ЗА СИТЕ НЕВИНИ ЖРТВИ!
Ниту еден изгубен живот повеќе поради нечие непостапување!





