Во Националната установа Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани, вечерва, 24 ноември, со почеток во 19 часот, во Салон „Фоаје 2“ ќе биде отворена изложба на уметнички слики кои се дел од сопственоста и културното наследство на установата.
На изложбата ќе бидат претставени дела на реномирани македонски ликовни уметници, меѓу кои Ана Темкова, Васко Ташковски, Илија Зуфа, Миле Топуз и други.
Љубителите на уметноста ќе имаат можност да се запознаат со дел од богатото уметничко наследство што го поседува Центарот за култура „Бели мугри“.
Изложбата е дел од Годишната програма на НУ ЦК „Бели мугри“ – Кочани за 2026 година, а проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам.
Од Центарот за култура упатуваат покана до сите граѓани и љубители на ликовната уметност да присуствуваат на свеченото отворање на изложбата.
