Во рамките на одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Оризари, беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Крсте Петков Мисирков, во чест на великанот на македонската писменост, јазик и култура.
Почит кон неговиот лик и дело и значајниот придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и националниот идентитет оддадоа повеќе делегации.
Цвеќе положија делегација од училиштето, предводена од директорката Милева Богданова, заедно со наставници и ученици, делегација од Општина Кочани, предводена од градоначалникот Владко Грозданов, претседателот на Советот, Александар Андов, и советници, како и претставници на Здружението на борците од НОБ.
Посебен дел од одбележувањето беше рецитирањето стихови посветени на Крсте Петков Мисирков, кои ги интерпретираше ученичката Кристина Ангелова. Преку својата изведба, таа потсети на значењето на неговото дело и трајните вредности што ги оставил зад себе.
Со овој чин, уште еднаш беше изразена почитта кон ликот и делото на Крсте Петков Мисирков, чие наследство останува трајна инспирација за новите генерации и потсетник за значењето на јазикот, културата и националната самобитност.









