Во Кочани денеска се одржа специјализирана обука за деловен интегритет на тема „Воведување на деловен интегритет: Корупциски ризици, антикорупциски службеник и етичка рамка“.
Настанот е организиран во рамките на иницијативата „Business with Integrity“ и 3C Consulting, со кофинансирање од Европската Унија и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Обуката е наменета за претставници на малите и средните претпријатија, со цел подигнување на свеста за корупциските ризици, воспоставување етички стандарди и практично зајакнување на деловниот интегритет во локалниот бизнис-сектор.
На воведниот дел од обуката се обрати градоначалникот на Општина Кочани, Влатко Грозданов, кој ја истакна клучната улога на локалната самоуправа и приватниот сектор во градењето транспарентно општество.
„Општина Кочани ги поддржува сите иницијативи што водат кон повисоки етички стандарди и конструктивна соработка меѓу локалните власти, бизнис-заедницата и експертите. Само со заеднички сили и подготвеност за промени можеме да создадеме деловна клима заснована на доверба и чесност“, истакна градоначалникот Грозданов.








