Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, и претставници на Здружението „16 март – Кочани“ денеска одржаа средба на која разговараа за организирањето и одбележувањето на претстојните новогодишни и божиќни празници.
На средбата биле разменети ставови за начинот на кој Кочани ќе ги одбележи празниците, со почит кон семејствата погодени од трагедијата, но и со внимание кон чувствата и потребите на сите граѓани.
Градоначалникот Грозданов истакнал дека целта е празниците да бидат одбележани достоинствено, со разбирање и почит кон болката на семејствата, нагласувајќи дека празничната радост не треба да ја негира тагата, туку да испрати порака за заедништво, надеж и човечност.
Родителите на трагично загинатите деца го искажаа својот став дека и оваа година Кочани треба да биде украсено, со музика, радост и празнична атмосфера, како и во годините пред трагедијата.
„Нашата болка не треба да биде причина децата и младите да бидат лишени од празничната радост. За нас, родителите, празниците никогаш повеќе нема да бидат исти. На нашите трпези засекогаш ќе недостигаат нашите деца. Но, не сакаме целиот град да живее во тага. Животот мора да продолжи, особено за младите генерации“, наведуваат родителите.
Тие му се заблагодарија на градоначалникот за тоа што го побарал и го почитувал нивното мислење, истакнувајќи дека не сакаат Кочани да биде град во кој ќе згасне радоста, туку град во кој никогаш повеќе нема да згасне млад живот.




