Оперативен стол, оперативно светло и хистероскоп се ставени во функција на хируршкиот оперативен блок во Општата болница во Кочани. Новата медицинска опрема, во вредност од близу 50 илјади евра, е донација од Република Полска и ќе се користи за изведување хируршки и гинеколошки интервенции.
Донацијата е реализирана во рамките на проект финансиран од Одделот за развојна соработка при Министерството за надворешни работи на Полска, со поддршка од Општина Кочани, Амбасадата на Полска и Министерството за здравство.
Директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Паниќ Мирчовска, истакна дека новата опрема ќе ги подобри условите за работа на медицинските тимови, како и квалитетот на здравствените услуги што ги добиваат пациентите.
„Опремата е сместена во првата операциона сала, која во моментов ќе ја користат специјалистите по гинекологија и акушерство и специјалистите по општа хирургија. Очекуваме придобивките од неа да ги почувствуваат и другите оперативни гранки, чии специјалисти наскоро треба да се вратат од специјализација“, рече Паниќ Мирчовска.
Таа информираше дека со новата опрема веќе се изведени првите оперативни зафати. Изрази и очекување дека породувањата и гинеколошките операции повторно ќе добијат поголем обем во кочанската болница.
За разлика од минатата година, од почетокот на оваа година досега во болницата се реализирани 70 породувања, спонтани и со царски рез. Во насока на кадровско зајакнување, болницата доби две нови специјалистки по гинекологија и акушерство, додека третата лекарка е пред полагање на специјалистичкиот испит.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство, Сашо Клековски, кој нагласи дека ваквите донации претставуваат значајна поддршка за здравствениот систем, но и дека државата останува посветена на долгорочната модернизација на кочанската болница.
Клековски најави дека во текот на 2027 година, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), ќе биде изработена физибилити-студија за модернизација на Општата болница во Кочани. Со студијата треба да се утврдат потребните инвестиции и да се дефинира распределбата на здравствените услуги меѓу болниците во Кочани и Штип, со цел граѓаните најпотребните здравствени услуги да ги добиваат што е можно поблиску до местото на живеење.
„Тоа не значи дека кочанската болница ќе биде оставена настрана. Во 2027 година ќе направиме физибилити-студија за нејзина модернизација, со цел да ја поставиме во поширок план на развој на болничкиот систем во регионот“, истакна Клековски.







