Градоначалникот на Општина Кочани, Влатко Грозданов, денеска одржа работна средба со претставници на „Скопска пивара“ и „Супорт Кочани“, на која беше разговарано за претстојната реконструкција на кошаркарското и фудбалското игралиште во ООУ „Св. Кирил и Методиј“.
Планираните активности опфаќаат обновување на заштитната ограда и мрежа, санација на постојната метална конструкција, поставување нови голови и рефлектори, како и уредување на трибините. Со реконструкцијата се очекува да се подобрат условите за спорт и рекреација на учениците и останатите корисници на игралиштата.
Средствата за овие активности ги донира „Скопска пивара“, преку „Супорт Кочани“, додека санацијата на подните подлоги на двете игралишта ќе се реализира со финансиска поддршка од Министерството за спорт и млади.






