Амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс, оствари посета на Општина Кочани, каде што се сретна со градоначалникот Владко Грозданов.
На средбата се разговараше за актуелните економски и општествено-политички состојби во Кочани, предизвиците со кои се соочува градот по трагедијата од 16 март 2025 година, како и за состојбата на децата повредени во пожарот, поддршката од централната власт во инфраструктурни проекти, состојбите во образованието, земјоделството, здравството и на други актуелни теми.
Градоначалникот Грозданов ги претстави природните и развојните потенцијали на Кочани, посочувајќи ја и важноста на странските инвестиции за локалната економија. Притоа, ја истакна американската компанија АТМ – Амфенол Технолоџи Македонија, во која е вработен најголем број работници од Кочани, но и од поширокиот регион.
Во знак на благодарност за поддршката од САД, градоначалникот на амбасадорката Варнс ѝ подари уметничка секвенца од Споменикот на слободата, чиешто реставрирање во 2024 година беше реализирано со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во нашата држава. Комуникацијата со дипломатските претставници и меѓународните партнери е значајна за Општина Кочани, како можност за непосредно запознавање со состојбите и потребите на граѓаните, афирмирање на локалните потенцијали и отворање можности за поддршка и соработка во интерес на понатамошниот развој на градот.







