Територијалната противпожарна единица – Кочани доби вредна донација од компанијата „Амфенол“, која обезбеди четири современи апарати со компримиран воздух, наменети за гасење пожари во индустриски објекти и интервенции во исклучително тешки услови.
Вредноста на донираната опрема изнесува 10.000 евра, а таа ги исполнува највисоките европски и светски безбедносни стандарди. Апаратите се изработени од огноотпорни материјали, со боци кои работат под притисок од 200 до 300 бари. Лесни се за носење, со тежина од околу три килограми без боцата, а опремени се и со звучен аларм и прецизен манометар за навремено предупредување.
Од компанијата „Амфенол“ истакнаа дека донацијата е наменета директно да придонесе за поголема безбедност и ефикасност на пожарникарите при интервенциите на терен.
„Ова е донација што ја обезбедивме за ТППЕ – Кочани за оваа година, со цел таа директно да придонесе за поголема безбедност и ефикасност на пожарникарите на терен. Се надевам дека на овој начин ќе успееме да ги заштитиме и да ги мотивираме, да знаат пожарникарите дека и во најтешките моменти не се сами“, истакна Сашко Наков, директор на компанијата „Амфенол“.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, упати благодарност до компанијата за донацијата, нагласувајќи дека новата опрема има големо значење за заштитата на животите на пожарникарите.
„Донацијата од маски и боци е исклучително значајна за спасување животи во најтешки околности. Овозможува нормално дишење во затворени простории каде што токсичноста е огромна и благодарни сме што со оваа современа опрема пожарникарите при интервенциите ќе можат да се задржат подолго време, а притоа ќе можат слободно да дишат“, изјави Грозданов.
Благодарност за донацијата изрази и командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, кој посочи дека новите апарати ќе бидат од голема помош при справувањето со пожарите, кои, за жал, се случуваат сè почесто.
Со оваа донација се зајакнува техничката опременост на кочанските пожарникари и се создаваат подобри услови за побезбедно и поефикасно извршување на нивните задачи.








