Бугарското Министерство за внатрешни работи се повика на Уставот на Бугарија во врска со случајот на Ива Михајлова, по која македонското МВР побара меѓународна потерница, откако таа замина во Бугарија.
На Михајлова и се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици, пренесува МИА.
Според бугарското МВР, на 13 октомври 2026 година, во 19:38 часот, Интерпол Скопје доставил барање за апсење и екстрадиција на Михајлова, која поседува македонско и бугарско државјанство.
Во известувањето било наведено дека против неа се води кривична постапка според член 300 од Кривичниот законик, а Судот во Кочани истиот ден издал налог за нејзино апсење.
Бугарските власти соопштија дека до моментот на нивното известување не била издадена црвена потерница од Интерпол и дека не презеле активности за нејзино лоцирање на бугарска територија.
Во соопштението се повикуваат на член 25, став 4 од бугарскиот Устав, според кој бугарски државјанин не може да биде екстрадиран за кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено со меѓународен договор.
Дополнително, се повикуваат и на Европската конвенција за екстрадиција, која предвидува можност државите да одбијат екстрадиција на сопствените државјани.
Македонските власти реагираа на заминувањето на Михајлова и начинот на кој била пречекана во Софија, оценувајќи го како провокација и мешање во правниот систем на државата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вицепремиерот Александар Николоски изјавија дека очекуваат Бугарија, како членка на НАТО и Европската Унија, да постапи по барањето, да ја уапси Михајлова и да ја врати во Македонија.
📰 КОЧАНИ 24 – Вашиот секојдневен извор на информации од Кочани!




