Израелските хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ повторно во Македонија за помош на повредените од Кочани, објави министерот за здравство Сашо Клековски.
Претпладнево на скопскиот аеродром ги пречекав хирурзите од медицинскиот центар „Шеба“ (The Sheba Medical Center) од Тел Авив, Израел. Во текот на оваа недела тие ќе престојуваат во Македонија, каде што ќе им помогнат на повредените во трагедијата во Кочани.
Тимот го сочинуваат тројца истакнати специјалисти:
- Д-р Моти Харац – директор на Националниот центар за изгореници, со експертиза во пластична и реконструктивна хирургија и третман на сложени изгореници. - Д-р Матан Шерф – специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и хирургија на рака, како и раководител на Единицата за микрохирургија при Одделот за хирургија на рака. - Д-р Тал Канфино Кац – ортопедски и реконструктивен хирург во Одделот за хирургија на рака и спасување на екстремитети.
Д-р Харац и д-р Канфино Кац веќе престојуваа во Македонија непосредно по трагедијата во Кочани, кога медицинскиот тим од „Шеба“ заедно со домашните лекари се грижеше за повредените. Со нивното повторно доаѓање продолжува соработката во лекувањето и грижата за пациентите.
За време на престојот, израелските хирурзи најпрво ќе извршат проценка на здравствената состојба на пациентите, по што се планирани медицински интервенции во Кочани и Скопје, во соработка со домашните медицински тимови.
Медицинскиот центар „Шеба“ е најголемиот и најсеопфатен медицински центар на Блискиот Исток. Според рангирањето на магазинот „Newsweek“ за 2026 година, центарот се најде на седмото место меѓу најдобрите болници во светот, со што осма година по ред е меѓу десетте највисоко рангирани болници на глобално ниво.
Повторното доаѓање на израелските специјалисти претставува продолжување на медицинската соработка и дополнителна поддршка за повредените од трагедијата во Кочани.






