Кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“ од Кочани упати повик до граѓаните и љубителите на кошарката да се обединат и да му дадат поддршка на клубот во новата натпреварувачка сезона. Преку купување сезонски карти, кочанчани добиваат можност активно да придонесат за развојот на клубот и иднината на кошарката во градот.
Цената на сезонската карта изнесува 600 денари, а заинтересираните граѓани можат да ја набават на неколку локации во Кочани: „Lumiere“, „Boulevard Cafe“, „Public Cafe“ и „Butik Trend“.
Од КК „Баскет Дино“ истакнуваат дека клубот претставува многу повеќе од спортски тим. Тој е симбол на традицијата, гордоста, љубовта кон кошарката и заедништвото што ги поврзува граѓаните на Кочани.
„Баскет Дино не е само тим на теренот, туку едно големо семејство кое стои заедно и во победите и во најтешките моменти“, порачуваат од клубот.
Оттаму ги повикуваат навивачите да ги исполнат трибините и со своето присуство да им дадат дополнителна мотивација на кошаркарите во текот на сезоната, во која секоја поддршка и секој навивач имаат свое значење.
Купувањето сезонска карта, како што посочуваат од клубот, претставува директна поддршка за неговото функционирање и развој, но и можност навивачите да бидат дел од новите спортски приказни и идните успеси на кочанската кошарка.
„Секој од нас е важен. Секоја поддршка значи. А кога сме заедно – сме посилни!“, е пораката од КК „Баскет Дино“ до сите граѓани.
Со слоганот „Едно Кочани. Едно семејство. Еден Баскет Дино!“, клубот повикува на единство, поддршка и заедничка борба за нови успеси на кошаркарскиот терен.
📰 Кочани 24 – Вашиот секојдневен извор на информации од Кочани




