Македонски и израелски хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ извршија 16 операции и 24 специјалистички прегледи на повредените во трагедијата во Кочани. Министерот за здравство, Сашо Клековски, порача дека лекувањето и рехабилитацијата на пациентите остануваат долгорочен приоритет.
Продолжува специјализираното лекување на повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во рамки на соработката меѓу македонските медицински тимови и хирурзите од израелскиот медицински центар „Шеба“ од Тел Авив, извршени се 16 хируршки интервенции и 24 специјалистички прегледи.
Резултатите од посетата на израелските специјалисти беа презентирани на денешната прес-конференција на министерот за здравство, Сашо Клековски.
Главниот фокус на интервенциите бил насочен кон подобрување и враќање на функционалноста на шаките и рацете кај пациентите кои претрпеле тешки повреди и изгореници.
Хируршките зафати опфатиле отстранување и ревизија на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика и трансплантација на кожа со полна дебелина. Целта на овие интервенции е подобрување на подвижноста и функционалноста на повредените делови од телото.
Клековски: Грижата за пациентите не завршува со болничкото лекување
Министерот Клековски истакна дека здравствените институции остануваат посветени на долгорочната грижа за повредените лица.
„Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација“, порача Клековски.
Тој упати благодарност до израелските лекари за нивната континуирана поддршка, потсетувајќи дека дел од тимот на „Шеба“ бил присутен во Македонија и непосредно по трагедијата.
Продолжува соработката со израелските специјалисти
На прес-конференцијата се обратија и д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при медицинскиот центар „Шеба“, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница Кочани, како и д-р Гордана Георгиева, член на работната група на Министерството за здравство.
Соработката со израелските медицински експерти претставува значајна поддршка во процесот на реконструктивно лекување на повредените, особено кај пациентите на кои им се потребни сложени хируршки интервенции.




