Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Ива Михаилова и нејзиниот татко, кој исто така треба да одговара пред надлежните органи, кога-тогаш ќе се соочат со правдата во Македонија.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, Мицкоски остро го критикуваше постапувањето на бугарските власти, оценувајќи дека Бугарија си нанесува сериозна штета со тоа што, според него, им обезбедува заштита на лица кои се осудени или обвинети во Македонија.
Премиерот изрази жалење што бугарските власти, наместо да овозможат враќање на лицата кои треба да одговараат пред македонските институции, како што рече, од нив прават „естрадни ѕвезди“.
Мицкоски нагласи дека Ива Михаилова и нејзиниот татко нема да можат засекогаш да ја избегнуваат правдата, изразувајќи уверување дека кога-тогаш ќе се соочат со надлежните органи во Македонија.




