Во Кочани денеска се одржа едукативна средба на претставници на Управата за јавни приходи (УЈП) и Општина Кочани со сопственици и издавачи на сместувачки капацитети, хотелиери, угостители и други претставници од туристичкиот сектор, во рамки на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“.
Целта на средбата беше подигнување на свеста за правилното пријавување на остварените приходи, навременото исполнување на даночните обврски и почитувањето на важечките законски прописи.
Во фокусот на разговорите беа даночните обврски поврзани со издавањето соби, апартмани, куќи и вили, вклучително и резервациите реализирани преку онлајн платформи. Беа разгледани и обврските при ангажирање сезонски и повремени работници, како и даночниот третман на привремените активности во туристичката дејност.
Преку отворена дискусија, присутните имаа можност да постават прашања, да ги споделат своите дилеми и да добијат стручни појаснувања и практични совети од претставниците на УЈП.
Од значење беше истакната потребата од совесно и транспарентно работење, како важен предуслов за создавање еднакви услови за сите учесници во туристичкиот сектор.
Редовното пријавување на приходите и почитувањето на даночните прописи придонесуваат кон поголема правичност, доверба и одржлив развој на туризмот.









