Во Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ во Кочани беше спроведена тактичко-показна вежба со симулација на пожар во училишен објект и две повредени лица.
Во вежбата учествуваше Територијалната противпожарна единица – Кочани со две противпожарни возила и осум пожарникари.
По симулацијата на пожарот, учениците, наставниците и менаџерскиот тим навремено и безбедно го напуштија објектот. Двете симулирани повредени лица беа успешно евакуирани во училишниот двор, каде што им беше укажана прва помош.
Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, ја оцени вежбата како успешна, истакнувајќи дека пожарникарите целосно ги реализирале предвидените задачи. „Одлично помина тактичко-показната вежба. Сите ученици се задоволни од начинот на кој ние пожарникарите ја извршивме нашата работна задача“, истакна Апостолов.
Ваквите активности имаат за цел да ја подигнат свеста за безбедноста и да ја проверат подготвеноста на учениците и вработените за навремено и правилно постапување во случај на пожар.









