По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, во Кочани беше одбележана 85-годишнината од почетокот на македонското народно востание, со положување свежо цвеќе и оддавање почит на борците за слободна Македонија.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, заедно со делегации од Советот на Општина Кочани, претставници на Сојузот на здружението на борците од НОВ и претставници на општинските партиски ограноци, положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и пред бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.
По повод празникот, градоначалникот Грозданов упати честитка до граѓаните, истакнувајќи го историското значење на 11 Октомври за самобитноста и самостојноста на македонскиот народ, како и придонесот на Македонија во победата над фашизмот во Втората светска војна.
🗣️ „Пред 85 години со нападот на полициските участоци, нашите предци не само што го покажаа отпорот и визијата за нашата држава, тие го трасираа патот што го живееме денес, тоа е самостојна, суверена и независна Македонија, во која самостојно ги креираме политиките, животот и иднината. Денес им оддаваме почит и ја носиме обврската да го продолжиме патот за поубава иднина. Нека ни е вечна Македонија и честит празникот!“, истакна градоначалникот Грозданов.
Со одбележувањето на овој значаен историски датум беше оддадена почит на храброста, пожртвуваноста и борбата на генерациите кои ги поставија темелите на македонската државност.
🇲🇰 11 Октомври останува симбол на слободата, отпорот против фашизмот и борбата за самостојна Македонија.
📰 Кочани 24 – Вашиот секојдневен извор на информации од Кочани











