Во ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани денес, 9 ноември, започна јубилејното 20. издание на Саемот на книгата, традиционална културна манифестација која ги обединува љубителите на литературата и го поттикнува интересот за читањето.
Саемот се одржува во рамките на одбележувањето на Месецот на книгата, а и годинава на едно место ја претставува издавачката продукција на повеќе издавачки куќи од Македонија.
Посетителите имаат можност да разгледаат и да изберат книги од различни жанрови, да откријат нови наслови и да го збогатат својот домашен книжевен фонд.
Со своето јубилејно издание, Саемот на книгата ја продолжува долгогодишната традиција на промовирање на пишаниот збор, образованието и читателската култура, заземајќи значајно место во културниот живот на Кочани.
Манифестацијата се одржува под мотото „Читај книги, збогати го знаењето, осветли ја својата иднина!“, испраќајќи порака за важноста на книгата во личниот и општествениот развој.
Саемот ќе трае до 14 ноември, а посетителите ќе можат да го посетат секој ден, во периодот од 10:00 до 18:00 часот, во просториите на Библиотеката „Искра“ во Кочани.




