Во Паркот на Револуцијата во Кочани денеска, 24 октомври, започна 29. издание на традиционалната манифестација „Денови на медот“, во организација на Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани.
На манифестацијата учествуваат пчелари од повеќе градови во Македонија, кои ја претставуваат својата понуда на мед и други пчелни производи. Посетителите имаат можност да разговараат со производителите, да дознаат повеќе за нивната работа и да купат производи директно од нив.
На изложбените штандови беа претставени различни видови домашен мед и други пчелни производи, преку кои производителите го промовираа својот труд и долгогодишната пчеларска традиција.
На отворањето на манифестацијата се обрати Борчо Атанасов, претседател на Пчеларското здружение „Матица“, кој говореше за значењето на настанот, развојот на пчеларството и предизвиците со кои се соочуваат пчеларите.
Културно-уметничката програма ја збогатија играорците од КУД „Руен“ од Кочани, кои со својот настап во традиционални народни носии ја претставија македонската фолклорна традиција.
Покрај промоцијата на домашните производи, манифестацијата овозможува размена на искуства меѓу пчеларите и непосредни средби со потрошувачите. Воедно, се истакнува и значењето на пчелите за земјоделството и природата, особено нивната важна улога во опрашувањето на растенијата.
Со речиси три децении традиција, „Денови на медот“ останува препознатлива манифестација во Кочани, која придонесува за поддршка на домашните пчелари и зачувување на пчеларската традиција.
Манифестацијата продолжува и утре, 25 октомври, во Паркот на Револуцијата во Кочани.








