Во рамките на официјалната посета на Кочани, амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел, денеска ја посети ЈОУ Библиотека „Искра“, каде што беше отворено Холандско катче, наменето за промоција на холандската литература и култура.
Катчето е формирано со донација од 100 литературни дела од холандски автори, преведени на македонски јазик, обезбедени од Амбасадата на Кралството Холандија. Книгите се наменети за читатели од различни возрасни категории и ќе придонесат за збогатување на библиотечниот фонд и проширување на можностите за запознавање со холандската книжевност.
За време на посетата, амбасадорката се запозна со работата, просторните услови, целите и мисијата на библиотеката, а отворањето на Холандското катче беше оценето како значаен чекор кон унапредување на културната соработка и размената меѓу двете земји.
„За нас претставува особена чест и задоволство што амбасадорката на Кралството Холандија ја посети нашата библиотека. Денешната посета и отворањето на Холандското катче претставуваат збогатување на библиотечниот фонд и создавање мост за соработка и културна размена. Нашите читатели и локалната заедница ќе имаат можност поблиску да се запознаат со холандските автори и нивното книжевно творештво“, истакна директорката на ЈОУ Библиотека „Искра“, Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, упатувајќи благодарност до Амбасадата за посетата и донацијата.
Со отворањето на Холандското катче, Кочани станува трет град во Македонија, по Скопје и Кавадарци, во кој Амбасадата на Кралството Холандија воспоставува ваков простор посветен на промоцијата на холандската литература и култура.
Новото катче ќе им овозможи на читателите да откриваат нови книжевни дела, автори и културни вредности, придонесувајќи за збогатување на културниот живот во Кочани и за зајакнување на врските меѓу двете земји.




