На Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани денеска официјално започна реализацијата на меѓународната програма KNVB WorldCoaches, која ја спроведува Кралската холандска фудбалска федерација, со поддршка на УЕФА и во партнерство со организацијата „ТАКТ“.
На отворањето присуствуваа амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов. Во рамките на програмата, 23 фудбалски тренери од источниот регион ќе учествуваат на обука преку која ќе се стекнат со меѓународно признати лиценци и знаења за унапредување на својата тренерска работа.
Амбасадорката Џанел истакна дека програмата има особено значење за Кочани и регионот, нагласувајќи ја улогата на спортот во поврзувањето на луѓето, развојот на младите и создавањето побезбедна и поподдржувачка средина.
„Вашиот град помина низ многу тежок период и, колку и да сакаме, за жал, не можеме да го смениме она што се случи во март минатата година. Она што сепак можеме да го направиме е заедно да работиме кон подобра иднина за сите, особено за младите луѓе во овој регион“, изјави Џанел.
Таа нагласи дека фудбалот е многу повеќе од игра, бидејќи создава чувство на припадност, ги обединува луѓето и им овозможува на младите да се развиваат и надвор од спортските терени. Притоа, ги истакна тренерите како важни носители на позитивни промени во заедницата.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, ја оцени програмата како значајна придобивка за локалниот спорт и за професионалниот развој на тренерите.
„Оваа програма е значајна придобивка за нас и за нашите тренери. Имаме многу солидни тренери што со ваша поддршка ќе се стекнат со лиценци од меѓународен карактер од Фудбалската федерација на Холандија. Како Општина ги прифаќаме сите овие позитивни примери и се надеваме на уште попродуктивна и попродлабочена соработка“, изјави Грозданов.
Од партнерската организација „ТАКТ“, Магдалена Спасовска информираше дека меѓу 23-те учесници во програмата има и значително женско присуство, односно десетина тренери се жени.
Програмата KNVB WorldCoaches има за цел преку фудбалот да ги поттикне развојот на животните вештини, инклузијата, тимската работа и позитивното влијание врз младите. Нејзината реализација во Кочани претставува можност за унапредување на тренерските капацитети во регионот и за зајакнување на улогата на спортот во локалната заедница.








